📌 На 14 октомври 2026 година, во организација на Здружението на дијабетичари „ЗД Мост“ – Скопје, во х.Русија, се одржа едукативна и интерактивна работилница на тема „Справување со анксиозност, стрес и исцрпеност при дијабетес“, посветена на исклучително важен сегмент во живеењето со дијабетес – менталното и емоционалното здравје.
Животот со дијабетес не подразбира само секојдневно следење на гликемијата, терапијата и исхраната. Тој носи и грижи, стравови, емоционални предизвици и моменти на замор и исцрпеност, поради тоа грижата за менталното здравје е подеднакво важна.
Предавач на работилницата беше специјалист невропсихијатар, проф. д-р Бранислав Стефановски, кој ги доближи психолошките предизвици со кои се соочуваат лицата со дијабетес и зборуваше за можностите за полесно справување со секојдневниот стрес и емоционалниот товар.
Работилницата овозможи отворен простор за разговор, поставување прашања, размена на искуства и меѓусебна поддршка. Преку ваквите средби ја истакнуваме важноста на разбирањето на сопствените емоции, препознавањето на психолошките оптоварувања и навременото барање стручна поддршка.
🧡 На почетокот и на крајот од работилницата беше организирано и мерење на гликемијата, како дел од активностите на Здружението ЗД Мост за унапредување на свесноста за значењето на редовното следење и контролата на гликемиските вредности.
🧡 Искрена благодарност до проф. д-р Бранислав Стефановски за споделеното знаење, стручните совети и отворениот пристап, како и до сите учесници за нивното присуство, активното учество и придонесот кон една значајна и корисна средба.
ЗД Мост продолжува да создава можности за едукација, поддршка и зајакнување на лицата со дијабетес и нивните семејства, затоа што веруваме дека информираноста, разбирањето и заедништвото се важни чекори кон подобар квалитет на живот.
Оваа работилница е во рамки на проектот„Здрав живот со дијабетес – грижа на заедницата“ на Здружението на дијабетичари ЗД Мост – Скопје и се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 – ReLOaD3, финансирана од Европската Унија (ЕУ) а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Аеродром.
Повеќе информации за ReLOaD3: тука
Regional Programme on Local Democracy in the Western Balkans

