Денес, 26 август 2026 година, во прекрасна атмосфера во хотел „Русија“ во Скопје, успешно ја реализиравме првата едукативна и интерактивна работилница во рамки на проектот „Здрав живот со дијабетес – грижа на заедницата“.
На тема „Сеопфатен мултидисциплинарен интернистички пристап во управувањето со дијабетесот“ предаваше д-р Александар Манолев, кој со своето богато стручно искуство, практични совети и современи согледувања отвори важни прашања за навремената превенција, следењето на дијабетесот и спречувањето на компликации. Неговата професионална работа е особено насочена кон рана дијагностика и превенција на кардиоваскуларни,нефролошки и метаболни заболувања и компликации..
Посебен дел од денешната средба беше мерењето на гликемијата на почетокот и на крајот на работилницата, со што учесниците имаа можност практично да го следат својот резултат и да разговараат за значењето на гликемиската контрола.
Но, ова не беше само предавање. Беше средба, разговор, прашања, искуства и заедничко учење. Токму ваквите интерактивни средби се важен дел од нашата мисија – да им обезбедиме на лицата со дијабетес знаење и поддршка за полесно и посигурно секојдневно справување со дијабетесот.
По предавањето продолживме со заедничко дружење и размена на искуства, затоа што веруваме дека една силна заедница се создава не само преку знаењето, туку и преку меѓусебната поддршка.
Голема благодарност до д-р Александар Манолев,интернист за издвоеното време, стручноста и подготвеноста своето знаење да го сподели со лицата со дијабетес.
Благодарност и до сите присутни кои денес беа дел од оваа средба. Вашето присуство ни покажува дека интересот за знаење и подобра грижа за дијабетесот е голем.
Продолжуваме понатаму!
Пред нас се уште две едукативни интерактивни работилници на темите:
🔹 „Дијабетес и когнитивни промени“
🔹 „Справување со анксиозност, стрес и исцрпеност при дијабетес“
Проектот„Здрав живот со дијабетес – грижа на заедницата“ на Здружението на дијабетичари ЗД Мост – Скопје се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 – ReLOaD3, финансирана од Европската Унија (ЕУ) а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Аеродром.
Повеќе информации за ReLOaD3: тука
Regional Programme on Local Democracy in the Western Balkans

