ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Хипотироидизам

Хипотироидизам е здравствена состојба во која телото, односно тироидната жлезда не произведува доволно тироидни хормони Т3 и Т4 . Овие хормони играат важна улога во регулација на голем број телесни функци, како на пример:  регулација на метаболизмот, раст и развој, терморегулација, функција на срцето, регулација на централниот нервен систем, репродукција итн.

При недостаток на овие хормони доаѓа до појава на некои од следниве симптоми:

  • зголемување на телесната тежина
  • замор
  • констипација
  • опаѓање на косата
  • сува кожа
  • нетолеранција на студ
  • промени во расположението
  • проблеми со концентрација и меморија
  • успореност
  • кај жените нерегулиран циклус, итн..

Причини поради кои се јавува хипотироидизмот се:

  • Хроничен автоимун тироидитис познат како Хашимото ( кој може да биде генетски како и предизвикан од неколку надворешни фактори, како на пример дефецит на јод, некои видови на бактериски инфекции,  токсини и тешки метали, како и стрес)
  • Дефецит на јод како најчеста причина за хипотироидизам ширум светот како и кај нас.
  • Одредени лекови
  • Операција на тироидна жлезда
  • Акутно воспаление на тироидната жлезда
  • Медицински третмани кои ја оштетуваат тироидната жлезда
  • Како и зголемена тежина, нездрав живот и нездрава исхрана.

Лековите се првата линија на третман на хипотороидизам, НО доста истражувања покажуваат дека следење на здрава исхрана и начин на живот може да помогнат во подобрување на функцијата на тироидната жлезда како и намалување на симптомите кај луѓето со хипотироидизам.

Дали постои специјална диета наменета за хипотироидизам?

Одговорот е НЕ, но има неколку диетески правила кои треба да се практикуваат, а тоа се следните:

  • Консумација на без глутенски производи ( значи не пченица, јачмен, рж, но можете хељда, просо, киноа ) покажало дека може да делува во подобрување кај особите со Хашимото.
  • Храна богата со јод ( морска риба, морски алги, јајца ) и јодизирана сол која не треба да се става во текот на готвењето бидејќи биорасположливоста на јодот од солта се намалува при топлина, затоа ставајте ја на крајот и секогаш чувајте ја солта на темно и суво место.
  • Исхрана богата со селен, бидејќи тој помага во штитење на тироидната жлезда од оксидативен стрес, а го има во бразилски ореви, туна, сардини, јајца, мешунки. Суплементи на селен може да бидат корисни за одредени луѓе со хипотироидизам но секогаш консултирајте се со медицинско лице пред конзумација на истите.
  • Исхрана богата со овошје и зеленчук поради изобилие на витамини и минерали потребни за правилна функција на целиот организам како и извор на антиоксиданси кои штитат од оксидативен стрес.
  • Храна богата со цинк ( морски плодови, мешунки-леќа, грав, наут, семиња и јаткасти плодови, киноа, овес, црвено месо, како и спанаќ, аспарагус, печурки ).
  • Исто така некои студии сугерираат и дека дефецит на витамин Д може да има влијание за појава на хипотироидизам, затоа одвојте време дали пред работа или после како и на викенд да бидете бар 30 мин. на сонце како најголем извор на вит Д.
  • Исто кај особи кои имаат дефецит на железо може да дојде до нарушување на тироидната жлезда ( храна богата со железо е месо, мешунки, тофу, зелен зеленчук, семиња и јаткасти плодови ) и кај особи кои не внесуваат доволно магнезиум ( лиснат зеленчук, семиња и јаткасти плодови, мешунки, авокадо, тофу, како и цели зрна од овес, киноа, кафеав ориз ).
  • Исто така постојат и состојки ( гоитрогени )кои треба да бидат ограничени во исхраната (значи не конзумација на големи количини ) кај луѓето со хипотироидизам, а ги има во: сојата, свежа зелка, свежа брокула, кељ.
  • И за крај зошто темата е доста опширна, лековите кои се земаат за хипотироидизам најдобро е да се земаат на гладно односно пред појадок или 4 сата после јадење бидејќи некои состојки од истата може да придонесе за неправилна апсорпција на лекот.
  • Но се на се, која и  студија да ја прочитав за хипотироидизам важи истото како и за сите останати болести, а тоа е дека  следење на исхрана богата со хранлива материи може да помогне да се подобри целокупното здравје, да се промовира здрава телесната тежина, а воедно со тоа и да се помогне во симптомите од хипотироидизмот.

Нутрициониста Вероника Минов