ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

ТЕРАПИСКА ДИЕТА КАЈ БОЛНИТЕ ОД ШЕЌЕРНА БОЛЕСТ

Планирањето на оброкот претставува првиот чекор во тераписката диета кај сите типови шеќерна болест. Добро составените оброци овозможуваат одржување на нивото на гликоза во крвта константно, без големи флуктуации, а тоа е една од основните цели. Оброците кои се состојат исклучиво од јаглехидрати ќе доведат до брзо зголемување на гликемијата бидејќи се варат за помалку од еден час. Додавањето на мала количина белковини во составот на оброците значајно ќе го забави варењето на комплетниот оброк и ќе го спречи наглото зголемување на гликемијата по оброците. Исто така, се препорачува јаглехидратите да се внесуваат во облик на сложени шеќери со низок гликемички индекс (зеленчук, интегрални житарки) кои содржат голема количина природни антиоксиданси и олигоелементи (може да бидат корисни во превенцијата од голем број хронични заболувања). Енергетската вредност на дневниот внес на храната треба да одговара на стандардите на RDA за здрави лица. За одржување на телесната маса, доволно е да се внесуваат 20-30 калории дневно по килограм. Во случај на дебелина (прекумерна телесна маса), која често се јавува кај дијабетес тип 2, се препорачува постепено намалување на телесната маса преку дневна редукција на енергетскиот внес за 500 калории во однос на стандардот RDA. На овој начин телесната маса ќе се намалува со динамика од околу 2 килограма месечно. Кај пациентите со штотуку откриен дијабетес од типот 1, понекогаш е потребно да се зголеми телесната маса на почетокот од терапијата. Дневниот внес на јаглехидратите кај дијабетичарите треба да претставува 50- 60% од вкупниот дневен енергетски внес. Со оглед на тоа што јаглехидратите претставуваат главен фактор кој влијае врз гликемијата после оброкот, оброците мора да бидат добро избалансирани според количината и распоредот на внесување на јаглехидратите. Исто така, кај пациентите со инсулинска терапија внесот на јаглехидрати треба да се усогласи со распоредот на примање инсулин (со цел да се избегнат големи падови и зголемувања на концентрацијата на гликозата во крвта). Генерално, се препорачува зголемен внес на прехранбени продукти со сложени влакнести шеќери (10-15 g/1000kcal). Внесот на прости шеќери, пред сé на гликозата, не треба да се забрани туку да се намали и строго да се контролира. Во терапевтската диета сé почесто се применуваат вештачките засладувачи кои може да имаат и енергетска вредност, како и оние што служат исклучиво за задоволување на органолептичките потреби на болните (засладувачи без енергетска вредност). Дневниот внес на масти во терапевтската диета за дијабетичари е многу значаен и мора строго да се контролира (особено кај дијабетесот тип 2), поради фактот што големата содржина на масти во храната доведува до зголемување на инсулинската резистенција. Енергетската вредност на дневниот внес на масти треба да изнесува околу 25 % од вкупниот дневен енергетски внес. Одредувањето на количината и видот на мастите се врши индивидуално и тоа според телесната маса, потребата за гликоза и липидниот статус на болниот. Исто така, се препорачува зголемен внес на незаситени, а намалување на внесувањето на заситени масни киселини. Дневниот внес на белковините кај болните од шеќерна болест треба да биде 10-15 % од вкупниот дневен енергетски внес (максимално 20 %). Оваа вредност одговара на дневен внес од 1 до 1,5g белковини на килограм телесна маса, што приближно одговара на RDA-стандардите. Во случај на постоење на дополнително бубрежно заболување, дневниот внес на протеини треба да се намали на 0,8 g/kg телесна маса. Како извор на белковини, најпогодни се: живинското месо, рибата, посното говедско, телешкото и јагнешкото месо, млечните производи и јајцата. Внесувањето на солта се ограничува на 6 грама за оние што имаат нормален артериски притисок и 3 грама за лицата со зголемен артериски притисок. Внесување кафе- 2-4 кафиња дневно, да се избегнува во доцните вечерни часови. Кафето или какаото треба да се засладуваат со вештачки засладувачи.  Внесување чај- треба да се избегнуваат јаки чаеви (црн руски или индиски). Да се користат чаеви приготвени од делови од растенија (лековити треви, овошје и зеленчук) како корен, стебло, лист и цвет. Внесување минерална вода- минералната вода во умерени количества е исклучително здрав и освежителен пијалак. Треба да се избегнува вода со многу натриум бидејќи може да влијае врз зголемувањето на крвниот притисок. Внесување алкохол- алкохолните пијалаци може да се употребуваат повремено во ограничени количини при добро регулирана шеќерна болест. Во одредени пригоди може да се консумираат 1-2 единици алкохолен пијалак. Една единица е мала чаша жесток пијалак (30 ml ракија, виски, коњак, вињак, вотка) 300 ml пиво или 100 ml вино. Внесување целулозни влакна- целулозните влакна се растителни влакна кои не може да ги разложи организмот, па затоа неразградени се исфрлаат со изметот. Иако немаат никаква енергетска вредност, имаат многу корисни особини, поради што се присутни во многу диетални менија. Диеталните влакна се наоѓаат во лушпата на житарките, младата пченка, ‘ржениот двопек, легуминозите (грав, грашок, леќа), во листовидните зелени растенија (морков, компир со лушпа, печурки и во овошје со лушпа (каде што се јаде лушпата) ореви и кикирики. При консумирањето храна богата со диетални влакна порано се јавува чувството на ситост (бидејќи храната е покабаста и врзува повеќе вода за себе, влијае на ширењето на желудникот и со тоа се создава чувство на ситост). Со врзувањето на водата, диеталните влакна создаваат заштитна мрежа со што ја намалуваат ресорпцијата на мастите, шеќерите и белковините во цревата. Со овој ефект се намалува нивото на шеќер во крвта, односно нема големи скокови во концентрацијата на шеќерот во крвта по земањето храна. Дневно човекот треба да внесува 25-35 грама диетални влакна преку храната (со сегашниот начин на исхрана се внесуваат околу 15 грама диетални влакна). Апсолутно не смее да се пуши! Бројот на оброци- болните од шеќерна болест мора да имаат 5-6 рамномерно распоредени оброци. Кај пациентите на инсулин треба апсолутно да се почитува овој режим на исхрана, а кај пациентите на таблети со правилен сооднос на продуктите кои се внесуваат во секој оброк се постигнува стабилна вредност на гликемијата пред и после оброкот, што е примарна цел за лицата со дијабетес. Секако вкупната дневна количина на внесени хранливи материи со оброците се одредува според полот, возраста, соодносот на телесната тежина и висина( BMI) и физичката активност. Овој правилен сооднос на хранливите материи во чинијата со оброк изгледа вака: Ø ¼одчинијата зазема храна богата со скроб со низок гликемиски индекс, тоа се производи богати со диетални влакна, како што се тестенини од полно зрно, интегрален ориз, разни каши од леќа, јачмен, овес. Тука може да се стави и компир, најдобро варен со лушпа или палента. Напомена : Ако со оброкот имаме мешунки (грашок, боранија, леќа, соја) , тие припаѓаат на овој дел од чинијата, а не кај зеленчукот. Ø Наредната ¼ од чинијата зазема храна богата со квалитетни белковини. Тука се препорачува како што веќе рековме посно месо (говедско, телешко), пилешко безкожа,морски риби(туна,скуша,лосос). Понекогаш наместо месо може да сеизеде и јајце или посна урда. ØНа преостанатата ½ од чинијата се става зеленчук во сите негови форми,како на пример,брокула,карфиол,краставици, тиквички, спанаќ,блитва, зелка,репка, зелена салата, домати, пиперки, моркови… Кај зеленчукот речиси и да нема ограничувања, се препорачува само да не се преварува,многу е подобро да се користи суров. •Сочинијата,истотака,мора да има и една чаша обична вода, минерална вода или незасладен чај и парче овошје за десерт. Повремено овошјето може да сезамени со едно ребро темно чоколадо со 70% какао.