Во денешниот свет, технологијата игра сè поважна улога во контролата и следењето на дијабетесот. Инсулинските пумпи и CGM уредите стануваат незаменливи партнери во животот на секој пациент со дијабетес. Овие апарати овозможуваат прецизно мерење на нивото на шеќер во крвта и овозможуваат можност за индивидуализирање на терапијата, што значително придонесува за подобро справување со оваа хронична болест.
Што се CGM (Continuous Glucose Monitor ) уредите?
Континуираните гликозни монитори (CGM) се уреди кои овозможуваат континуирано следење на нивото на шеќер во крвта 24 ч.,во текот на 7-15 дена (зависно од моделот на уредот). Тие се состојат од сензор кој се вметнува под кожата и го мери нивото на гликоза во меѓуклеточната течност (интерстицијалната течност), а потоа ги испраќа податоците до приемник или паметен телефон.
Како функционираат уредите CGM?
Корисниците можат да ги следат промените во нивото на шеќер во крвта во реално време, да поставуваат аларми за предупредување и да ги анализираат податоците за да разберат како храната, вежбањето или инсулинот/лековите влијаат на нивното ниво на гликоза.
Исто така, со уредите CGM се идентификуваат трендовите и падовите или зголемувањата на нивото на шеќер во крвта пред да се појави сериозен проблем.
Бидејќи со помош на CGM добиваме добра контрола и увид, можат да се избегнат тешката хипогликемија или хипергликемија и кетоацидоза, состојби кои доведуваат до хоспитализација.
Кои се предностите на CGM?
- Нема потреба од боцкање од прст за да се провери нивото на гликоза во крвта или боцкањето е сведено на минимум.
- Нивото на гликоза во крвта автоматски се прикажува во реално време на секои 3-5 минути.
- Пациентите можат да имаат увид и да ги проверат нивоата на гликоза во крвта кога им одговара.
- Исто така и лекарите можат да добијат увид и да го следат нивото на гликоза во крвта на пациентите 24 часа на ден.
- Можност за проценка на идните трендови на нивото на гликоза во крв преку нотификации за зголемувањата или намалувањата на нивото на гликоза во крв и пациентот може правовремено да реагира.
- Практично и лесно за употреба, што ја подобрува ефикасноста на третманот како и квалитетот на живот