ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

Едукација на наставен кадар во ООУ Ѓорѓија Пулевски

УЧИЛИШТЕ СО ЗНАЕЊЕ – ПОБЕЗБЕДНА СРЕДИНА ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ

Денеска, 27 август 2026 година, бевме во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Општина Аеродром и успешно ја реализиравме нашата трета информативно-едукативна средба посветена на децата со дијабетес во училишната средина.

Едукатори на средбата беа Татјана Ѓорговска и Наташа Деспотовска Димитриевска, кои на наставниот и стручниот кадар му ги презентираа најважните информации за правилна поддршка и постапување со децата со дијабетес.

Посебен акцент беше ставен на „Протоколот за постапување со деца со дијабетес во училиштата и детските градинки“, со цел наставниците и стручните служби да бидат подобро информирани и подготвени за ситуациите во кои на детето може да му биде потребна помош.

Разговаравме за:
🔹 препознавање на хипогликемија и хипергликемија;
🔹 навремено и правилно постапување;
🔹 следење на гликемијата и користење на сензори;
🔹 исхрана и физичка активност;
🔹 поддршка на детето во секојдневните училишни активности;
🔹 важноста на разбирањето, емпатијата и инклузијата.

Особено нè радуваше интересот, активното учество и отвореноста на наставниот и стручниот кадар. Со знаење, разбирање и добра соработка меѓу училиштето, родителите и здравствените професионалци, можеме да создадеме средина во која секое дете со дијабетес ќе се чувствува безбедно, прифатено и рамноправно.

Голема благодарност до раководството, наставниот и стручниот кадар на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ за гостопримството и подготвеноста да бидат дел од оваа важна иницијатива бидејќи детето со дијабетес не бара посебен третман – бара разбирање, знаење и поддршка.

Активноста е реализирана во рамки на проектот „Здрав живот со дијабетес – грижа на заедницата“, кој го спроведува Здружението ЗД Мост – Скопје, во партнерство со Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК.

Проектот„Здрав живот со дијабетес – грижа на заедницата“ на Здружението на дијабетичари ЗД Мост – Скопје се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 – ReLOaD3, финансирана од Европската Унија (ЕУ) а имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Аеродром.

Regional Programme on Local Democracy in the Western Balkans

Delegation of the European Union to North Macedonia

UNDP MK

Општина Аеродром