ЗДРУЖЕНИЕ НА ЛИЦА СО ДИЈАБЕТЕС ОД ГРАД СКОПЈЕ

ДИЈАБЕТИЧНО СТАПАЛО

Шеќерната болест го забрзува затнувањето, односно артериосклерозата на крвните садови во мозокот, очите, срцето, бубрезите и во нозете. Пациентите со дијабетес тип 1 почесто имаат оштетувања на малите крвни садови (микроангиопатија) во очите и бубрезите.  Оние кој боледуваат од дијабетес тип 2 (повозрасни – најчесто користат таблети) почесто имаат оштетувања на поголемите крвни садови (макроангиопатија) во мозокот, срцето и нозете.

Најосетливи на недостатокот на крв во нозете се нервите, заради што болеста започнува со симптоми на трнење, печење и болки во стапалата и нозете. Симптомите најмногу се изразени кога пациентот мирува, односно за време на одмор и пред спиење. Се нарекува дијабетична невропатија. Кога стапалото ќе стане бледо, а прстите ладни, намален е и протокот на крв во крвните садови и оваа состојба се опишува како дијабетична ангиопатија.

Кај најголемиот број на пациенти клиничката слика најчесто е мешана, односно се присутни трнења, пецкања и болки заедно со ладни прсти и бледи стапала и медицински се користи терминот Angioneuropathia diabetica. Симптомите се најизразени на прстите и стапалото и оваа состојба се нарекува и “ синдром на дијабетично стапало”.

Значи, дијабетичното стапало претставува оштетување на артериите и нервите на прстите и стапалото, а е предизвикано од високите вредности на шеќерот во крвта. Кога стеснувањето на крвните садови ќе напредува долж потколеното, а посебно натколеното, се јавува и болка при одење наречена клаудикација. Клаудикационата болка се јавува ако е стеснет повеќе од 50% од дијаметарот на крвниот сад. До ова стеснување организмот самиот ги компензира проблемите со протокот на крв, бидејќи ги вклучува во употреба околните крвните садови од мал калибар, наречени колатерали, и поради тоа пациентот нема практично никакви симптоми.

Во превенцијата најважно е рано откривање на стесувањата на крвните садови што се помали од 50%, бидејќи со правовремено лекување во оваа фаза, болеста може долготрајно да се контролира, односно да се спречи нејзиниот напредок кон клиничките симптоми и гангрена.

Тоа се прави со васкуларната доплер сонографија. Ова е стандарден ултразвучен преглед што се препорачува да се применува еднаш годишно кај сите пациенти со шеќерна болест. Оваа техника е препорачана од светските, европските и американските асоцијации за контрола и лекување на шеќерната болест. Раното откривање и соодветното лекување на дијабетичното стапало заштитува од напредување на болеста и најтешките компликации од неа, а тоа се гангрената и ампутацијата на нозете.

Конзервативното лекување  се состои од контрола на ризик факторите пред се’ регулирање на шеќерот, мастите и крвниот притисокот, како и користење на  лекови што ја намалуваат лепливоста на тромбоцитите и мастите на ѕидот од крвниот сад. Овие лекови се нарекуваат антиагреганси, а нивни најпознат претставник е Аспиринот.

Кај пациентите кои имаат трнење, пецкање и жарење во нозете (невропатија) се препорачува и контрола на функцијата на нервите на стапалото. Тоа се прави со помош на тестови за проценка на финиот допир (10-грамски монофиламент), контрола на осетот на допир со игла (pin prick) и контрола на осетливиост на вибрации (биотезиометар).

Клиничките студии направени од најреномирани дијабетични институции имаат утврдено дека овие едногодишни систематски прегледи на крвните садови кај болните од шеќерна болест го намалуваат бројот на ампутациите на нозете за 50% во наредните 10 години.

Оваа е стандардна превентивна процедура за болните од шеќерна болест која ја применуваат приватните здравствени осигурителни компании посебно во западна Европа и САД. Доколку тестирањето пациентот не го спроведе во препорачаниот период, осигурувањето не ги покрива трошоците за лекување на компликациите, пред се’ лекувањети на отворени рани и гангрени на нозете.

Нивната препорака е:
Пациенти со шеќерна болестнвестирајте во здравјето на вашите нозе. Редовно контролирајте ја состојбата на вашите крвни садови и нерви на нозете со што ќе се заштитите од можните компликации(гангрена) што водат до инвалидност.     

Искуствата покажале дека редовните контроли на стапалата, одредувањето на ризикот за јавување на рани, информирањето за болеста и лекувањето по соодветни протоколи го намалува бројот на ампутации за 50%.

ФАКТИ ЗА ДИЈАБЕТИЧНО СТАПАЛО И ДИЈАБЕТЕС

  • од 5 дијабетичари во текот на својот живот ќе лекува дијабетично стапало
  • Кај дијабетичното стапало оштетени се артериите и нервите на нозете заради што пациентот несоодветно гази
  • 1 од 6 болни од шеќерна болест во текот на својот живот ќе направи рани на стапалото, а повеќе од ½ од нив (60%) се воспалени (инфицирани)
  • Повредата на стапалото и несоодветните обувки се најчестата причина за јавување на раните на стапалaта
  • Кај болните од шеќерна болест во Западна Европа и САД лекувањето на раните на стапалата се водечка причина за прием во болница
  • Најголемиот броj од ампутациите (85%) почнуваат со рани на стапалата
  • Ампутациите на нозете се 25 пати почести кај дијабетичарите отколку кај останатите
  • Пациентите со претходно залечени рани имаат 34 пати почесто нови рани во наредните 3 години, а оние со направена мала ампутација 100 пати поголема шанса да отворат нова рана.
  • По направена ампутација на ногата 5 години преживуваат само ½  (50%) од пациентите.

Редовно контролирајте ги вашите стапала и заштитете ги од рани и ампутации. Приклучете се на програмата Дијабетес со здрави стапалакоја нуди најголема грижа и контрола на вашите стапала на овие простори.

Горонаведените факти се базирани на испитувањата и искуствата на експертите од областа на шеќерната болест и нејзините компликации на стапалото

Овој материјал е дел од грижата за пациентите која ја спроведе Ординацијата “Срце”.

Материјалот го подготвил Проф. Др Славчо Тошевкардиангиолог